ШК „Алкалоид“ убедлив против „Nice Alekhine“

Во четвртото коло на Европскиот Клупски Куп ШК „Алкалоид“ беше подобар од екипата „Nice Alekhine“ од Франција.

На првата табла Динг Лирен водејќи ги белите фигури се здоби со минимална но, долготрајна предност од отворањето. По измената на дамите, кинескиот велемајстор играше прецизно и трпеливо ја зголемуваше својата предност. Соочен со зголемен притисок, црниот направи неколку непрецизности кои го доведоа до изгубена позиција.

На втората табла, украинскиот велемајстор Елјанов, без поголеми проблеми успеа да ја изедначи позицијата. Во средишницата се водеше маневарска борба после која што Павел се здоби со решавачка предност, која неколку пати пропушти да ја претвори во цел поен. Неговиот противник влезе во цајтнот, но сепак умешно успеваше да се одбрани. Пред крајот на првата контрола, позицијата нагло се заостри, Елјанов направи една грешка што беше доволно да ја загуби партијата.

На третата табла Дмитри Андреикин играјќи со белите фигури цело време одржуваше мала предност и не му даде на својот противник да изедначи. Партијата ја доби создавајќи матна мрежа околу црниот крал.

На четвртата табла, вториот кинески велемајстор Ју Јангји со црни фигури ја казни некорекната игра на белиот во отворањето. Со решавачка предност се здоби на ефектен начин жртвувајќи дама за топ ловец и два пешака. Набрзо потоа неговиот противник беше принуден да предаде.

На четвртата табла Јаковенко играјќи со белите фигури ја искористи својата супериорна подготовка во отворањето и успеа да создаде сериозни проблеми за својот противник. Црниот трошеше многу време обидувајќи се да ги најде најдобрите потези. Во тежок цајтнот во 39от потег направи решавачка грешка која Дмитри ја искористи и освои цел поен.

Украинскиот велемајстор Криворучко играше многу интересна и возбудлива партија, со тактички жртви и комбинации. Во остра и динамична борба самоуверено го надигра својот противник притоа не давајќи му никаква шанса за поволен резултат.

Во петото коло екипата на ШК „Алкалоид“ за противник ќе ја има екипата „Obiettivo Risarcimento Padova”. По четири одиграни кола водат руската екипа „Globus” и азербеџанската „Oldar Yurdu“ кои што ќе се сретнат утре на првата табла.

Колачиња

Оваа веб-страница користи колачиња на прва страна кои се потребни од технички причини, заради овозможување на функционалноста на веб-страницата и на услугите што ги нудиме, и нив ги сметаме за суштински или неопходни колачиња.
Прочитајте повеќе во нашата Политика за приватност / Политика за веб колачиња