ШК „АЛКАЛОИД“ ЈА ОСВОИ ПРВАТА ЕВРОПСКA КЛУПСКА ШАХОВСКА КРУНА!

Алкалоид е новиот Европски Клупски Шампион! Со вкупно освоени 12 бода од 7 мечеви (пет победи и две нерешени, без ниеден пораз) ШК Алкалоид, престижното клупско натпреварување го заврши сам на врвот. Златото е освоено првпат во годината кога клубот слави 40 годишни постоење.

По нас, со еден бод помалку следат руските екипи, второ пласираниот „Mednyi Vsadnik” и противникот од последното коло трето пласираната екипа „SHSM Legacy Square Moscow”. Пред седмото коло на турнирот екипата на Алкалоид имаше еден бод повеќе од другите претенденти за златниот медал. За делба на прво место беше доволно да се одигра нерешено, резултат кој што гарантираше медал на ова силно клупско натпреварување, но не и прво место. Сепак, калкулациите беа заборавени и на состанокот пред решавачкиот меч се одлучи да се игра на победа. Противничката екипа настапи со спротивна тактика, нивната цел беше да борба за нерешен резултат и чекање шанса при грешка на играчите на ШК Алкалоид. Тоа се покажа при нивниот избор на шаховските отварања и варијанти, па веќе по половина час игра, во партиите каде што имавме црни фигури беше јасно дека ќе завршат со реми.

Прв заврши Андреикин, кој откако ја одби реми понудата со повторување на потези во отворањето, во средишницата се согласи на реми со ново повторување. Во тој момент оценката на позицијата беше во полза на Дмитри сепак, поради цајтнотот и важноста на партијата рускиот велемајстор оправдано реши да не ризикува.

После ова реми, ситуациите во повеќето позиции стана појасна. Противничките играчи успеаа во својата цел, ремизирајќи најпрво на шестата табла каде што со црни фигури Криворучко не доби шанса за игра на победа. На четвртата табла Јаковенко без никакви проблеми изедначи од отворањето, но не постигна ништо повеќе од тоа. Партијата траеше прилично долго, но уште од 20-от потег се знаеше нејзиниот епилог.

Останаа да играат Динг на првата табла, Елјанов на третата и Ју на петтата табла, сите со бели фигури. Следеше реми во партијата на Ју Јангји чии што обиди да создаде предност беа оневозможени. На третата табла Елјанов се соочи со многу солидниот руски велемајстор Малахов. По одиграното Англиско отворање настана еднаква позиција и по 47 потези противниците се согласија на реми.

Последен заврши велемајсторот Лирен Динг кој долго и упорно се обидуваше во топовската завршница да ги искористи своите поактивни фигури. Неговиот противник рускиот велемајстор Ернесто Инаркиев покажа дека е школуван играч и многу прецизно се бранеше во завршницата. Динг имаше само една шанса за игра на победа во 48-от потег, но откако ја пропушти партијата по неколку потези заврши со реми.

Во овој меч, за разлика од претходниот, немавме опасност од пораз на ниедна табла. Дванаесетте бода и делба на првото место беа загарантирани. Во тој случај за распоредот на местата одлучува критериум поврзан со резултатите на противниците кои ние и нашите конкуренти ги имавме во претходните кола. Постоеја теоретски пресметки, до кои не дојде бидејќи нерешено заврши и мечот меѓу „Mednyi Vsadnik” и „Sibir“ , а „ВШК Свети Николај Српски“ загуби.

Со тоа, Алкалоид заврши сам на тронот, каде што се наоѓаше во текот на целиот турнир!!!. Европскиот шаховски врв е освоен, апсолутно заслужено со извонредна борбеност и храброст во решавачките моменти на сите членови на екипата, и воедно мотивирачка поддршка од компанијата Алкалоид.