Европски клупски куп 2017

Европскиот клупски куп се одржа во Анталија, Турција од 08-14 октомври. На турнирот учестуваа 36 екипи во машка конкуренција. ШК Алкалоид настапи како европски клупски шампион во 2016 со цел одбрана на европскиот шаховски трон. На стартната листа ШК Алкалоид беше второ рангиран, прво рангирана беше екипата ,,Globus” од Русија, за која настапија елитни велемајстори меѓу кои поранешниот Светски првак Владимир Крамник, најсилниот шахист на Азербеџан Шахриар Мамеџаров, најсилниот холандски шахист Аниш Гири, како и руските силни велемајстори Јан Непомниачи, Сергеј Карјакин (двајцата предизвикувачи на Магнус Карлсен за титулата Светски шампион) и Александар Гришчук. Во овој состав екипата на ,,Globus” беше изразит фаворит на турнирот. ШК Алкалоид настапи со истион тим од 2016, ВМ Динг Лирен 2772, ВМ Елјанов Павел 2720, ВМ Андреикин Дмитри 2705, ВМ Ју Јангји 2743, ВМ Јаковенко Дмитри 2710,  ВМ Криворучко Јуриј 2692, ИМ Панчевски Филип 2489, ВМ Недев Трајко 2479.

Одбраната на шампионската титула ШК Алкалоид ја започна против италијанската екипа Augusta Perusia со 4,5 – 1,5. Динг Лирен ремизираше на првата табла, додека единствениот пораз го забележа ИМ Панчевски Филип на шестата табла. Велемајсторите Андреикин, Ју, Јаковенко и Криворучко рутински ги победија своите послаби противници. Во второто коло ШК Алкалоид за противник ја доби силната и незгодна екипа SHSM Legacy Square Capital. Против таа екипа Алкалоид играше во последното коло на ЕКК во 2016 година, мечот заврши 3-3 и со тој резултат Алкалоид стана Европски шампион. Овој пат мечот заврши со минимален пораз за Алкалоид од 2,5-3,5 со пет ремиња, единствен пораз забележа ВМ Елјанов Павел. Во третото коло Алкалоид со максимални   6-0 ја декласираше екипата Vålerenga Sjakklubb од Норвешка. Во четвтото коло, повторно висока победа за Алкалоид од 5-1 против француската екипа Nice Alekhine, единствениот пораз го забележа ВМ Елјанов Павел. Во петтото коло Алкалоид се сретна со италијанската екипа Obiettivo Risarcimento Padova и оствари висока победа од 5,5 – 0,5. Јаковенко Дмитри ремизираше додека Динг Лирен, Елјанов Павел, Андреикин Дмитри, Ју Јангји и Криворучко Јуриј остварија сигурни победи. Во дербито на шестото коло на првата табла се соочија прво и второ рангираната екипа на турнирот ,,Globus” – ,,Alkaloid” . Во тој момент во водство беше екипата ,,Odlar Yurdu” од Азербеџан со 11 бодови, еден повеќе од рускиот ,,Globus” и два повеќе од ,,Alkaloid”. Во мечот помеѓу најголемите фаворити се играше претпазливо и ниедна екипа не превзема ризик. По долга борба

мечот заврши 3-3 со шест реми партии. Во седмото и последно коло, ШК Алкалоид за противник ја имаше екипата на Csm Baia Mare од Романија. Мечот заврши со сигурна победа за европскиот шампион од 4-2. Цел поен за Алкалоид освоија Јаковенко Дмитри, Криворучко Јуриј на петтата и шесттата табла додека првите четири табли завршија со реми. По седум одиграни кола победник на турнирот стана руската екипа ,,Globus” со 12 бода, додека ШК Алкалоид се најде на делба на второто место заедно со ,,Odlar Yurdu” и  ,,AVE Nový Bor” од Чешка. Поради подобар Бухолц, најуспешната македонска екипа го освои сребрениот медал и се закити со титулата Европски Вице- Шампион! Исклучителниот екипен резултат со освоени 11 бода (пет победи, еден нерешен меч и еден пораз), беше комплетиран со четири златни и еден сребрен медал за индивидуални резултати по табли: Динг Лирен сребро на прва табла, Дмитри Андреикин злато на трета, Ју Јангји злато на четврта, Дмитри Јаковенко злато на петта и Јуриј Криворучко злато на шеста табла.

Новости ЕКК 2017