ШК „АЛКАЛОИД“ ОСТАНУВА СО МАКСИМАЛЕН УЧИНОК ПОСЛЕ ЧЕТИРИ КОЛА

Во крајно неизвесен меч Алкалоид против Жигули оствари минимална но, многу вредна победа. После три часа игра ситуацијата во мечот не беше во наш прилог сепак, во четвртиот и петтиот саат нашите играчи успеаа да ги освојат потребните 3.5 поени.

Мечот беше решен по пет часовна борба кога Андреикин со црни фигури ремизира на првата табла против својот сонародник велемајсторот Сјугиров Санан. Во партијата Дмитри не одигра најдобро во отворањето и влезе во инфериорна позиција, по што цела партија се играше на еден гол. Сепак, со долга и трпелива одбрана, успеа да ја одбрани тешката позиција.

Првата победа ја оствари кинезот Ју Јангји. Тој водејќи ги белите фигури ја задржа малата предност уште од првиот потег и успеа да го надигра својот противник, демострирајќи ја својата совршена техника во завршницата.

Втората победа за Алкалоид во мечот ја оствари велемајсторот Елјанов Павел. Во варијантата Наидорф од Сицилијанската одбрана, Павел најпрво ја прифати жртвата на пешак за потоа во поволен момент за него да ја врати и да се здобие со јасна предност. Искористувајќи го цајтнотот на противникот, успеа да ја зголеми предноста и извојува победа.

Јаковенко на третата табла, одигра солидна партија во која како црни одржуваше равенство на таблата низ целата партија.

Значаен половина поен донесе Јуриј Криворучко, кој што успеа да одбрани потешка позиција. На крајот партијата заврши реми со повторување на потезите.

На шестата табла велемајсторот Бродски го изненади нашиот Трајко Недев, играјќи ретко продолжение. Недев не изреагира на најдобар начин и западна во потешка позиција. Во обид да изнајде шанси за спас на партијата, жртвуваше фигура за 3 пешаци, но и покрај долгата борба не успеа.

Прво рангираната екипа на турнирот „Sibir“ одигра 3:3 со азербејџанскиот „Odlar Yurdu”. Од останатите фаворити, екипата на „Mednyi Vsadnik” извојува неочекувано висока победа од 5:1 над домашниот тим „ВШК Свети Николај Српски“. Така после четири кола, само две екипи се издвоија со максимални 8 бода, тоа се екипите на Алкалоид и „Mednyi Vsadnik”. Во петтото коло следи нивниот меѓусебен дуел. Од останатите мечеви на фаворитите во петтото коло се среќаваат екипата на „Sibir“ со израелскиот „Ashdod” (обете екипи имаат по 7 бодови и го делат 3-4 место).