ШК Алкалоид подобар од Марибор Полиграм

Во четвртото коло ШК Алкалоид се соочи со тимот Марибор Полиграм од Словенија. Алкалоид ја оправда улогата на голем фаворит и очекувано победи во мечот со висок резултат 5,5 – 0,5. Од основниот состав во тимот на Алкалоид недостасуваше Шахријар Мамедјаров, па така на првата табла настапи ВМ Самуел Шанкланд. Играјќи со црните фигури превзема голем ризик и дојде во послаба позиција, сепак неговиот противник му понуди реми кое што Шанкланд го прифати. На останатите табли против послабите противници, лесни победи остварија ВМ Даниил Дубов против ИМ Шубељ Јан, а ВМ Ернесто Инаркиев против ФМ Скухала Јернеј ја оствари својата четврта победа, со што е единствен со 100% успешност во екипата. Одличниот резултат во мечот го комплетираа со победи ВМ Предке Александр против ФМ Бузети Јернер и ИМ Панчевски Филип против Братковиќ Шам. Најдолго се бореше ВМ Криворучко Јуриј кој играше против својот сонародник Украинецот ВМ Микхаљчишин Адриан. Водејќи ги црните фигури полека го надигра својот противник во Дамино – Индијска одбрана и без ризик успеа да стигне до целиот поен.

По 4 одиграни кола ШК Алкалоид се наоѓа на делба на четвртото место со 6 од можни 8 бодови.

Во петтото коло противник на ШК Алкалоид ќе биде “Offerspill Chess Club”, Норвешка, предводена од Светскиот првак Магнус Карлсен.

Шахистките на Алкалоид загубија со 1,5:2,5 против екипата “SK Erste Bank Baden”. По долга и упорна борба на првите три табли (Шувалова, Аталик и Булмага) партиите завршија со реми во петтиот час од играта, додека единствениот пораз го претрпе Моника Стојковска на четвртата табла.