ШК „АЛКАЛОИД“ ПОДОБАР ОД „OBIETTIVO RISARCIMENTO“

Уште една висока победа на ШК „Алкалоид“ во петтото коло против италијанската екипа „Obiettivo Risarcimento Padova”.

На првата табла Динг Лирен со црните фигури се одлучи да игра остра варијанта во Словенска одбрана. На таблата настанаа големи компликации каде што кинескиот велемајстор се снајде подобро и ја искористи некорекната жртва на фигура на својот противник. Откако ситуацијата на таблата се разјасни и повеќе немаше никаква опасност кон црниот крал, белиот предаде бидејќи остана со фигура помалку.

На втората табла Елјанов Павел одигра одлична партија. Во Француска одбрана водејќи ги белите фигури играше агресивно и од самиот почеток се здоби со иницијатаива, која потоа ја претвори во позициона предност која што успеа да ја реализира.

На третата табла Андреикин одигра ретка варијанта во Дамин гамбит. Тоа се покажа како одличен потег затоа што неговиот противник не успеа да го најде најдобриот начин да ги развие своите фигури. Во средишницата Дмитри веќе имаше пријатна позиција и без поголеми проблеми го неутрализираше нападот на белиот на кралевото крило по што белата позиција стана безнадежна.

На четвртата табла Ју Јангји ја искористи непрецизната игра на неговиот противник во отворањето по што не му дозволи на црниот никаква шанса за да ја изедначи позицијата. Партијата заврши во 29от потег со комплетна доминација на белиот на целата табла.

Јаковенко беше единствениот кој ремизираше во овој меч. Играјќи со црните фигури по отворањето се здоби со перспективна позиција и во средишницата го надигра својот противник. Во поголемиот дел од партијата имаше предност, во неколку моменти дури и решавачка но, во цајтнотот не ги одигра најдобрите потези и му дозволи на белиот да се одбрани. Играчите се согласија на реми во материјално еднаква позиција.

На шестата табла украинскиот велемајстор Криворучко одигра остра партија со многу тактички мотиви. Во позиција со разнострани рокади, Јуриј беше поконкретен во нападот и прв се закани кон противничкиот крал. Неговиот противник играше прецизно и одржуваше рамнотежа се до 26от потег каде што направи ја решавачката грешка.

По пет одиграни кола ШК „Алкалоид“ се наоѓа на делба на третото место со 8 бода. Во шестото коло екипата на „Алкалоид“ ќе се сретне со првиот фаворит на турнирот, екипата „ Globus “ од Русија.