ШК „АЛКАЛОИД“ СТАРТУВАШЕ СО ПОБЕДА ПРОТИВ „SCHACHFREUNDE BERLIN“

Во динамичен меч екипата на ШК Алкалоид извојува сигурна победа против „Schachfreunde Berlin“.

На првата табла Динг Лирен со бели фигури школски го надигра својот противник, играше сигурно и не му остави никаква шанса на противникот да ја изедначи позицијата.

Со црни фигури Дмитри Андреикин одигра варијанта која ретко се среќава во велемајсторската практика, со цел да наметне остра позиција каде што полесно би го надиграл својот противник. Настана неизвесна позиција со бројни тактички мотиви, каде што Андреикин подобро се снајде во комплицираните варијанти.

На третата табла единствениот велемајстор во противничката екипа Ползин, го изненади Јаковенко во отворањето, одигрувајќи во 11-от потег б7-б5. Дмитри не се снајде најдобро и влезе во послаба позиција. Во понатамошниот дел од партијата, со прецизна одбрана нашиот велемајстор успеа да ја ремизира партијата.

Вториот кинески велемајстор Ју Јангји покажа сигурна игра. Во каталоското отворање спроведе нова идеја играјќи во 12-от потег а6-а5. Иако позицијата беше навидум изедначена, Јангји постојано наоѓаше начини да му поставува проблеми на противникот. Очекувано белиот не успеа да одолее на сите предизвици и играчот на Алкалоид оствари заслужена победа.

Долгогодишниот член на Алкалоид, велемајсторот Криворучко со одлична игра се здоби со решавачка предност. Меѓутоа во 33-от потег направи превид и му дозволи на противникот да ја изедначи позицијата и да ремизира.

Шампионот на Македонија за 2016 година Филип Панчевски освари рутинска победа на шестата табла, за конечен резултат од 5-1 за Алкалоид.

Во останатите мечеви, сите фаворити одиграа без поголеми изненадувања остварувајќи високи победи во мечевите. Во второто коло екипата на ШК Алкалоид за противник ќе ја има екипата на Јелица ПЕП – Гораќиќи, составена од млади српски шахисти.