ТРЕТА ПОБЕДА НА ШК АЛКАЛОИД ВО ТРЕТОТО КОЛО НА ЕВРОПСКИОТ КЛУПСКИ КУП 2018

Во третото коло ШК Алкалоид се сретна со тимот на Вердер Бремен од Германија. Мечот заврши со резултат 5:1 со што Алкалоид ја оправда улогата на фаворит и во овој дуел.

До првата победа во мечот стигна Дмитри Јаковенко, кој ја искористи грешката во пресметување на својот противник и по една некоректната жртва на фигура се здоби со решавачка материјална предност.

Вториот цел поен за „Алкалоид‘‘ го донесе украинскиот велемајстор Јуриј Криворучко кој на шестата табла играјќи со црните фигури го изненади својот противник во отворањето по што се здоби со огромна временска предност. Во цајтнотот белиот не одигра најпрецизно по што Јуриј се здоби со материјална предсност и лесно стигна до победата.

На третата табла, Андреикин одигра ретко продолжение во Холандска одбрана. На таблата настана оригинална позиција каде што рускиот велемајстор жртвуваше квалитет. Партијата заврши по 22 потези откако црниот во тешка позиција направи превид и му овозможи на Дмитри ефектно да ја заврши партијата.

Павел Елјанов покажа одлична техника и во коњска завршница го надигра својот противник. Партијата заврши со прекрасна жртва на фигура, по што црниот во неможност да го спречи пешакот на а5 да се промовира во дама, се реши да се предаде.

На првите две табли, освојувачите на златниот медал на овогодинешната шаховска Олимпијада Динг Лирен и Ју Јангји, не успеаа да извојуваат победи и по голема борба ремизираа со своите противници.

По три одиграни кола ШК Алкалоид се наоѓа на делба на првото место со максимални 6 бода.